Skip to content

Старогрчки поговорки

Почитувани љубители на античката мудрост,

деновиве од печат излезе книгата Антологија на старогрчки поговорки и мудрости – една од ретките збирки на старогрчки поговорки преведени на некој од современите јазици. Изборот, преводот на македонски, толкувањата, објаснувањата и предговорот ги направи класичниот филолог Валериј Софрониевски, а изданието го реализира издавачката куќа Publisher.

Antologija

           Од Предговорот кон Антологијата…

       Не е едноставно да се даде точна дефиниција за поговорката, особено што определбата се менувала во текот на времето (она што некогаш се сметало поговорка, веќе не се смета за таква), а меѓу другото и бидејќи се разликува во различни јазици и култури. Но, денес, генерално, повеќето теоретичари по книжевност поговорката ја дефинираат како куса (едноставна, конкретна, често синтаксички неоформена), општопозната (повторувана, запаметлива, често цитирана) изрека, што изразува (често, на метафоричен начин) некаква вистина (па оттука и практична мудрост, препознатлива употреба, совет, поука и сл.) којашто е заснована на здрав разум или искуство (општо или поединечно).

          Еразмо Ротердамски вели дека присушта особеност за повеќето поговорки е тоа што бараат да бидат изразени, односно прочитани, протолкувани и восприемени на јазикот на којшто се создадени и доколку мигрираат во некој друг јазик, губат голем дел од својата привлечност. Ваквата констатација е оправдана и покажува колку е сложено преведувањето на овие куси, но семантички многуслојни книжевни форми, честопати цврсто определени со просторот, времето и јазикот во кој и на кој се создавани…

Advertisements

Ново издание на Старогрчко-македонскиот речник

Почитувани почитатели на хеленското слово,

ве известуваме дека деновиве излезе од печат четвртото коригирано и дополнето издание на развојниот старогрчко-македонски речник. Воедно, ве потсетуваме на електронската работна верзија од овој проект, којашто се наоѓа на страницата: graecomacedonicum.com.

Rechnik4

 

 

Старогрчко-македонски речник : (развоен) / Валериј Софрониевски. –  Скопје : Филозофски факултет, 2017. – 644 стр.

ISBN 978-608-238-128-2

Нови преводи од старогрчки

Почитувани љубители на античката мисла,

со големо задоволство ве известуваме дека деновиве од печат излегоа два нови наслова во издание на Издавачкиот центар ТРИ. Станува збор за теоретскиот спис околу јазикот и книжевноста ‒ За јазичниот израз (Περὶ ἑρμηνείας) на Деметриј (Δημήτριος), за кого преводот, предговорот, белешките, коментарите и индексот на поими ги направи класичниот филолог Весна Томовска, и философскиот дијалог Менон (Μένων) на Платон (Πλάτων), за кого преводот и белешките ги направи класичниот филолог Валериј Софрониевски, а предговорот го состави философот Јасмина Поповска.

 

    За јазичниот израз

        За јазичниот израз од Деметриј спаѓа во онаа група на дела кои претставуваат егзотични острови во океанот на тичкото писмено наследство до кои тешко се стигнува, за нив знаат само малку истражувачи и ретки љубители на необилни вредности од развојот на поетиката на интелектуалната материја…

    Менон…

        „Ќе можеш ли да ми кажеш, Сократе, дали доблеста може да се пренесе со поучување? Или, не може да се пренесе со поучување, ту­ку може да се стекне со вежбање? Или, ниту може со вежбање да се стекне, ниту може да се научи, туку кај луѓето се појавува природно или на некој друг начин?“…

 

Бесплатна колекција Loeb Digital Library

Почитувани,

2014-12-15_1022деновиве на интернет се појави торент во кој се наоѓа една од најскапоцените книжевни збирки (особено за изучувачите на класичните јазици, книжевност и култура): целокупната Loeb Classical Library во нејзината дигитализирана форма – Loeb Digital Library. Оваа бесплатна offline верзија (523 книги), што ќе може во секое време да ја користите и на вашите таблети и смартфони, достапна е во зипувана форма (3.61 GB), којашто кога ќе се распакува зафаќа 13.18 GB.

loeb

Торентот Loeb Digital Library MMXVI може да го симнете со кликнување на линкот тука или тука.

Бидете колегијални: пренесете ја оваа вест и кажете им на сите заинтересирани да ја искористат оваа исклучителна можност!

 

Аристофан – Лисистрата

Почитувани љубители на античкото слово,

деновиве од печат излезе македонскиот препев на комедијата Лиситрата – една од најпрочуените драми на познатиот атички комедиограф Аристофан. Препевот, предговорот, коментарите и белешките кон текстот ги направи класичниот филолог Валериј Софрониевски, а изданието го реализира Издавачкиот центар ТРИ.

Лисистрата

 

           Од Предисловието кон Лисистрата…

        Тајната на надвремената привлечност на Лисистрата лежи во тематските краеви на оската врз која се тркала колесницата на оваа драма, излеани во најпознатиот двоец на архетипските човечки интереси: сексот и војната…

        …пренесувајќи ја на македонски го задржавме поетското вообличување, но… се решивме за малку послободен метар, кој е многу поблизок на македонскиот говор и творештво… во (раз)говорите, каде што во оригиналот е присутен јампски триметар, употребивме четири‑, пет‑ или шестнаесетерец… стиховите на дорски дијалект ги препеавме употребувајќи струмичко наречје, а оние на младата Мирина ги испреплетовме со лексеми и фрази од скопскиот жаргон…

 

Повеќе од форум за класичари

Драги студенти, слушатели на курсевите по грчки,

Доколку случајно сте ја испуштиле оваа интересна страница, ве потсетуваме на неа: ΣΧΟΛΗ, τόπος ἐπὶ μαθηταῖς, νεοῖς τε καὶ παλαιοῖς, τῆς ἀρχαίας Ἐλληνικῆς διαλέκτου.

Регистрирајте се и пοвелете на σχολὴ εἰς τὸ τὴν ἀρχαίαν Ἑλληνικὴν γράφειν, ἀναγινώσκειν, λέγειν καὶ ἀκούειν.

ANS со нова платформа за нумизматички истражувања

Почитувани истражувачи,

Американското нумизматичко здружение (American Numismatic Society ANS) ја објави својата последна дигитална платформа PELLA, – нова алатка за истражување на античката нумизматика, којашто донесува опсежен и лесно достапен online каталог на монетите создадени во времето на кралевите од македонската династија на Аргеадите (c. 700-310 год. пр. Хр.). Со каталогизирањето на поединечните типови монети на кралевите од Александар I (498-454 год. пр. Хр.), првиот македонски крал што ковал пари, па сè до Филип III Аридај (323-317 год. пр. Хр.), PELLA им овозможува на корисниците да вршат истражувања на специфични типови монети, да погледнат примероци од повеќе колекции, да водат статистички анализи на тежината и на другите мерни податоци и да ги видат мапите со местата каде што монетите биле ковани и со ризниците во коишто биле најдени примероци од нив.